
Google ја подига играта на ново ниво. Во време кога гласовните асистенти се сè поприсутни, компанијата се фокусира на нешто што досега ѝ недостасуваше: способноста да го разбере човечкиот емоционален тон. Според извештаите на Wired и Seeking Alpha, Google DeepMind склучи значаен договор за лиценцирање со стартапот Hume AI, што донесе и премин на клучен истражувачки тим директно во редовите на Google.
Лицето кое го води овој потег е Алан Кауен, поранешен истражувач на Google и основач на Hume AI во 2021 година. Неговата мисија со стартапот беше амбициозна: да создаде вештачка интелигенција „оптимизирана за човечката благосостојба“. Технологијата на Hume AI е способна да „слуша помеѓу редовите“ — анализира воздишки, паузи и тоналитет во гласот за да утврди емоционален контекст.
Враќањето на Кауен и неговиот тим во Google DeepMind е јасен сигнал дека компанијата сака да трансформира својот Gemini асистент во нешто повеќе од информативен бот. Идејата е дигиталниот асистент да може да препознае кога сте под стрес, кога сте саркастични или кога ви треба поддршка, и да одговори соодветно — чекор кон создавање на поавтентични „агентски“ AI системи.
Hume AI веќе ја користи оваа технологија во здравството, за дијагностицирање на депресија и анксиозност преку говорни патерни, но масовната интеграција во потрошувачките производи е она што го прави овој потег толку важен за пазарот. Google со тоа се обидува да се држи чекор со Microsoft и OpenAI, кои веќе понудија напредни гласовни режими, но моделот EVI (Empathic Voice Interface) на Hume AI оди чекор понатаму, бидејќи е трениран специјално на емоционални податоци.
Иако Hume AI ќе остане независна компанија и ќе продолжи да нуди услуги на други партнери, најсилниот дел од нивниот истражувачки тим сега директно работи на развојот на производите на Google — класичен пример на „акви-вработување“ (acqui-hire).



























