
Претседателот на САД, Доналд Трамп, влезе во отворен судир со една од најмоќните американски банки – Џеј Пи Морган Чејс. Во тужба поднесена пред државен суд во Флорида, тој бара најмалку пет милијарди долари отштета, тврдејќи дека банката незаконски и политички мотивирано ги прекинала нивните деловни односи, пренесува Си-Ен-Би-Си.
Во судските документи се наведува дека сметките на Трамп и на компаниите поврзани со него биле затворени набргу по немирите од 6 јануари 2021 година во Капитолот, како и по неговото заминување од Белата куќа, откако беше потврден изборниот пораз од Џозеф Бајден. Според тужбата, ваквиот потег дошол без никакво образложение, и покрај фактот што Трамп со децении бил клиент на банката.
Правниот тим на Трамп тврди дека одлуката не била деловна, туку идеолошка – резултат на, како што се наведува, „политички и социјални притисоци“ и желба на банката јавно да се дистанцира од конзервативните ставови и политичкиот имиџ на поранешниот претседател.
Од Џеј Пи Морган Чејс остро ги отфрлаат овие обвинувања. Во нивната реакција се наведува дека затворањето на сметките било спроведено исклучиво во согласност со американските регулаторни правила и дека тужбата „не почива на никаква правна основа“.
Во меѓувреме, извршниот директор на банката, Џејми Дајмон, се појави на Светскиот економски форум во Давос, каде внимателно ги бираше зборовите кога станува збор за Трамп. Единствената директна критика, како што пренесува Си-Ен-Ен, се однесуваше на идејата на актуелниот американски претседател за ограничување на каматните стапки на кредитните картички на 10 проценти во период од една година.



























