Компанијата Scale AI, специјализирана за обработка и означување на податоци, потврди дека добила значајна инвестиција од технолошкиот гигант Meta во вредност од 14,3 милијарди долари, со што нејзината вкупна пазарна вредност порасна на 29 милијарди долари.
Според информациите на порталот TechCrunch, Meta стекнала 49 отсто сопственички удел во оваа стартап-компанија, која обезбедува висококвалитетни податоци за тренирање на големи јазични модели – клучна компонента во развојот на вештачка интелигенција.
Како дел од договорот, коосновачот и извршен директор на Scale AI, Александер Ванг, ќе премине во Meta, каде ќе игра водечка улога во развојот на проектите поврзани со вештачка суперинтелигенција.
„Ја продлабочуваме соработката со Scale AI во обезбедувањето податоци за тренирање на нашите AI модели. Александер Ванг ќе ѝ се приклучи на Meta и ќе придонесе во нашите напори за постигнување суперинтелигенција“, соопштија од Meta.
Средствата добиени од инвестицијата ќе бидат искористени за откуп на удели од постојните инвеститори и за проширување на работењето на Scale AI, која останува независна компанија. Со оваа стратегиска акција, Meta се обидува да фати чекор со конкурентите во областа на вештачката интелигенција, како што се Google, OpenAI и Anthropic.