Корисниците на WhatsApp наскоро ќе можат полесно да ги надоместат пропуштените пораки, благодарение на новата функција „Summarize with Meta AI“ (Сумирај со Meta AI), која е веќе во тест-фаза на Android уредите. Според порталот WABetaInfo, оваа функција користи вештачка интелигенција за автоматско сумирање на пораките во индивидуални и групни разговори.
Копчето за сумирање се појавува веднаш над непрочитаните пораки и овозможува на корисникот со еден допир да добие краток преглед на целата конверзација што ја пропуштил. Функцијата е опционална и се активира преку поставките, со вклучување на опцијата „Приватна обработка“ (Private Processing), која според Meta нуди безбедно обработување на пораките без притоа да има пристап до нив – ниту Meta, ниту WhatsApp.
Сепак, функцијата не е достапна за корисници кои имаат вклучено „Напредна приватност на разговори“ (Advanced Chat Privacy), што истовремено ја оневозможува и функцијата за извоз на разговорите.
Meta истовремено тестира и AI асистент за пишување пораки, сличен на функцијата „Rewrite“ што веќе постои на Instagram. Корисниците би можеле да добиваат предлози за формулација или подобрување на своите пораки директно во апликацијата.
Слични AI функции веќе се тестираат и на Instagram, а според најавите, се очекува да бидат проширени и на другите платформи на Meta, како Messenger и Threads.
И покрај потенцијалот за заштеда на време, досегашните примери од други компании укажуваат на можни предизвици. Wikipedia ја суспендираше својата AI функција за сумирање по само еден ден поради загриженост за точноста, додека Apple го стопираше својот AI систем за известувања поради неточни информации.
Останува да се види колку ќе биде прецизна и доверлива новата AI функција на WhatsApp, но едно е сигурно – Meta сериозно го проширува присуството на вештачката интелигенција низ своите платформи.