Колумбиска морнарица откри нова технологија за шверц на дрога: пронајдена беспилотна подморница на Карипското Море
Колумбиската морнарица објави откритие на досега невидена технологија за криумчарење дрога во Карипското Море. Припадниците на морнарицата пресретнаа беспилотна подморница, способна да транспортира повеќе од 1,5 тони кокаин на растојание поголемо од 1200 километри, пренесува „Ел Паис“.
Подморницата, со големина приближна на глисери, е пронајдена на 1 април во близина на Националниот парк Тајрона и во моментот на откривањето не превезувала дрога. Ова пловило е опремено со две антени и Starlink модем кој овозможува сателитска комуникација и следење во реално време. Дополнително, поседува две камери – надворешна за следење на траекторијата и пречки и внатрешна за мониторинг на моторот и преносниот систем.
Истражувачката од Институтот за развој и мир (Indepaz), Јуана Кабезас, истакнува дека мексиканските картели од 2017 година ангажираат инженери и технолошки експерти за развој на автономни беспилотни подморници кои би можеле да го преминат Пацификот, да ја истоварат дрогата и потоа истата да биде пренесена на други пловила.
Во првата половина на 2025 година, во различни региони на Америка се откриени најмалку десет слични беспилотни подморници, опремени со технологии кои им овозможуваат делумна автономија и го отежнуваат нивното следење со радар. Колумбиската морнарица ја оценува оваа појава како знак на еволуција на логистичките операции на криумчарите.
Откривањето на оваа подморница е дел од глобалната поморска операција „Орион“, во која учествуваа 127 институции и 10 организации од 62 земји. Во првите шест месеци од годинава, ширум светот се запленети вкупно 2.326 тони дрога, вклучувајќи над 327 тони кокаин, 211 тони марихуана, 12 тони хашиш, 118 килограми метамфетамин и 452 килограми хероин. Дополнително, во Бразил и Парагвај пронајдени се околу 1.770 тони марихуана.
Оваа високо технолошка метода за шверц ја потврдува постојаната еволуција на тактиките на нарко-картелите и нагласува потребата од засилени глобални напори во борбата против трговијата со дрога.