
Шпанија бележи рекордно висока вредност на своите златни резерви, што првенствено е резултат на зголемената побарувачка за злато на светските пазари, каде што овој благороден метал повторно се наметнува како сигурно засолниште во време на изразена геополитичка и финансиска неизвесност, објави „Еуроњуз“.
Иако растот на резервите често се толкува како акумулација на ново злато, актуелната состојба не значи дека Шпанија го вратила златото изгубено во минатото. Според податоците на Светскиот совет за злато, земјата располага со околу 281 тон злато, кое се чува во Банката на Шпанија, како и на депозити во САД, Обединетото Кралство и Швајцарија.
Во шпанскиот контекст, златото има и силна симболична димензија. Терминот „московско злато“ останува еден од најконтроверзните симболи од 20 век, поврзан со испраќањето на златни резерви во СССР за време на Шпанската граѓанска војна. Сепак, денешните резерви немаат врска со тие историски настани, туку се резултат на долгорочна монетарна политика, европската интеграција и управувањето со средства во рамките на Евросистемот.
Рекордната вредност на златните резерви во 2025 година се должи пред сè на растот на цената на златото на меѓународните пазари, а не на зголемување на физичките количини. Во современиот финансиски систем, златото повеќе не ја игра улогата на директна поддршка на националната валута, ниту пак се користи за финансирање воени конфликти.
Наместо тоа, благородниот метал денес служи како стратешки инструмент кој обезбедува финансиска стабилност, кредибилитет и доверба во глобалната економија, особено во периоди на зголемена неизвесност и турбуленции на светските пазари.























