
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија го прекршила договореното енергетско примирје и извршила масовен напад врз енергетската и критичната инфраструктура во Украина, и покрај апелите од американската страна за воздржување од вакви дејствија.
Зеленски посочи дека претходните денови, кога немало напади врз енергетските капацитети, биле искористени од Русија за акумулирање сили и подготовка за силниот напад извршен во текот на ноќта. Според него, договорот предвидувал седумдневен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, кој практично започнал во ноќта меѓу четврток и петок, но бил прекршен веќе следната ноќ.
Тој нагласи дека барањето за примирје било јасно изразено од американскиот претседател Доналд Трамп, како и за време на состаноците на преговарачките тимови, но дека Русија повторно ги игнорирала тие напори.
„Денеска сведочевме на еден од најтешките напади досега, со масовна употреба на балистички ракети, крстосувачки ракети и беспилотни летала“, изјави Зеленски, додавајќи дека нападот бил извршен во услови на екстремно ниски температури, кога во делови од Украина тие паѓаат под минус 20 степени.
Украинскиот претседател истакна дека енергетското примирје не било никаква отстапка или подарок за Украина и најави дека ќе стапи во контакт со американската администрација, очекувајќи реакција и поддршка од меѓународните партнери.
„Клучно е светот да не молчи и да продолжи со поддршката на нашата одбрана и безбедноста на граѓаните“, порача Зеленски.
Според украинските извештаи, во ноќта меѓу 2 и 3 февруари руските сили нападнале осум области во Украина, а меѓу целите биле и енергетски објекти.























