
Иако Виетнам во последните години ги унапреди односите со САД на највисоко дипломатско ниво, интерен воен документ открива дека виетнамското раководство тајно се подготвувало за можен конфликт со Вашингтон и ја перцепира Америка како потенцијална егзистенцијална закана, објави Асошиејтед Прес.
Документот, изработен од Министерството за одбрана на Виетнам во август 2024 година и насловен „Втор американски план за инвазија“, сугерира дека и покрај официјалното партнерство, Ханој смета дека САД поради својата „воинствена природа“ би можеле да користат неконвенционални форми на војување или дури и директна интервенција. Во него се наведува дека ризикот од непосредна војна е мал, но дека постои потреба од постојана претпазливост за да не се создаде изговор за странска агресија.
Според анализата на Проектот 88, организација за човекови права која ги проучувала документите, ваквите ставови не се изолиран случај, туку одраз на поширока согласност внатре во виетнамската државна структура. Стравот од надворешно поттикната „шарена револуција“, по примерот на Украина или Филипините, се наведува како еден од клучните мотиви зад ваквите проценки.
Во документот се оценува дека САД, преку неколку администрации – од Обама, преку првиот мандат на Доналд Трамп, до Џо Бајден – интензивно работеле на зајакнување на врските со азиските држави со цел создавање поширок фронт против Кина. Истовремено, се тврди дека Вашингтон се обидува да ги наметне своите вредности поврзани со демократијата, човековите права и верските слободи, што во Ханој се гледа како закана за социјалистичкиот систем.
И покрај тоа што во 2023 година беше потпишано „Сеопфатно стратешко партнерство“ меѓу САД и Виетнам, со кое односите беа издигнати на ниво слично на оние со Русија и Кина, интерните проценки покажуваат дека недовербата останува длабоко вкоренета. Виетнамските власти официјално не коментираа за содржината на документот, додека американскиот Стејт департмент нагласи дека партнерството има за цел стабилност, безбедност и економски просперитет во Индо-Пацификот.
Документите исто така укажуваат дека, иако постојат тензии меѓу Виетнам и Кина околу Јужното Кинеско Море, Пекинг се гледа повеќе како регионален ривал отколку како егзистенцијална закана. Според аналитичарите, раководството во Ханој верува дека најголемиот ризик за владејачката Комунистичка партија не доаѓа од надворешна инвазија, туку од можни внатрешни превирања поддржани од странство.























