Украински беспилотни летала во текот на ноќта изведоа масовен напад врз неколку руски енергетски постројки, меѓу кои и најголемата рафинерија на „Роснефт“ во градот Рјазан и едно складиште за нафта во окупираниот Луганск, објави „Киев индепендент“.
„Во Русија има сè помалку бензин, додека гасот и нафтата брзо исчезнуваат“, напиша на социјалните мрежи командантот на украинските беспилотни сили, Роберт Бровди.
Жителите на Рјазан, град на 180 километри југоисточно од Москва, пријавиле експлозии околу два часот по полноќ, по што избувнал голем пожар што го осветлил ноќното небо. Руски медиуми објавија снимки и фотографии од густ црн чад што се издигнува над индустриската зона.
Рафинеријата, со капацитет од 13,8 милиони тони годишно, веќе беше цел на напад на 2 август, кога беа оштетени две од нејзините три главни единици.
Регионалниот гувернер Павел Малков соопшти дека противвоздушната одбрана соборила осум беспилотни летала, чии остатоци паднале во индустриската зона. Тој нагласи дека нема жртви и дека станбени објекти не се погодени, но не даде детали за пожарот во рафинеријата.
Во Луганск, пак, локалните жители забележале густ чад доцна во четвртокот навечер, а украинскиот офицер со прекар Мадјар потврди дека е погодено складиште за нафта, иако размерот на штетите засега останува непознат.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 92 украински беспилотни летала.
Украина во последните месеци значително ги засили нападите со долг дострел врз руската енергетска инфраструктура. Само во август беа погодени најмалку 12 рафинерии, со што е уништен повеќе од 17 проценти од вкупниот капацитет за рафинирање нафта во Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна призна дека земјата се соочува со недостиг на гориво и предложи дел од резервите на јаглен да се пренаменат како алтернативно решение, за кои тврди дека ќе бидат доволни за речиси илјада години, пренесува „Москва тајмс“.
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) September 5, 2025
Drones hit a refinery in Russia’s Ryazan, setting it ablaze. Ukraine confirms strikes on both the Ryazan refinery & an oil depot in occupied Luhansk. #MakeRussiaPay pic.twitter.com/PaSlQskXGq