Турската одбранбена компанија БМЦ го започна сериското производство на првиот домашно изработен основен борбен тенк „Алтај“, опремен со мотор „BATU“ со моќност од 1.500 коњски сили, објавија од компанијата.
По години тешкотии во развојот на сопствен мотор, предизвикани од санкции за увоз на напредна воена технологија, БМЦ успешно ги надмина пречките и започна масовно производство. Претседателот на БМЦ, Фуат Тосјали, истакна дека моторот „BATU“ може да помине 10.000 километри и дека тенкот е дизајниран да ги задоволи потребите на турската армија, како и на сојузничките земји.
Претседателот на Турската агенција за одбранбена индустрија, Халук Горѓун, нагласи дека проектот бил поддржан од државата и лично од претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Производството на „Алтај“ се очекува да ја зацврсти позицијата на Турција во светската одбранбена индустрија.