
Големото славје по триумфот на Пари Сен Жермен во финалето на Лигата на шампионите прерасна во сериозни немири низ Франција, при што беа уапсени повеќе од 400 лица, а неколку полицајци беа повредени во судирите со навивачите.
Според информациите на француското Министерство за внатрешни работи, вкупно 416 лица биле приведени во текот на ноќта, од кои дури 280 во Париз. Илјадници полицајци биле распоредени низ главниот град и другите поголеми градови за да спречат ескалација на насилството по историската победа на ПСЖ над Арсенал во финалето на најпрестижното европско клупско натпреварување.
Немирите избувнале веднаш по завршувањето на натпреварот, кога илјадници навивачи излегле на улиците да ја прослават титулата. На повеќе локации биле активирани пиротехнички средства, ракети и огномет, додека дел од навивачите се судриле со полицијата. Безбедносните сили употребиле солзавец за да ги растурат толпите во центарот на Париз.
Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат запалени електрични велосипеди, оштетен урбан мобилијар и искршени излози на продавници. Француската полиција соопшти дека во немирите биле оштетени најмалку шест возила, два деловни објекти и една автобуска станица.
Познатата авенија Шанзелизе беше преплавена со навивачи веднаш по победата на ПСЖ. Претходно во текот на денот биле регистрирани инциденти и околу стадионот „Парк на принцовите“, каде илјадници симпатизери на парискиот клуб го следеле финалето на големи видеоекрани.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез потврди дека во инцидентите биле повредени седум полицајци и остро ги осуди насилствата.
„Ова што се случи е апсолутно неприфатливо. Голем спортски успех не смее да биде причина за уништување јавен имот и напади врз полицијата“, изјави Нуњез.
Политички реакции пристигнаа и од лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен, која на социјалната мрежа Икс напиша дека е недозволиво спортските победи да се претвораат во насилни улични немири.
„Само во Франција победата на еден фудбалски клуб предизвикува вакви немири. Само во Франција луѓето чувствуваат потреба да се заклучат во своите домови за да избегнат насилство“, напиша Ле Пен.
Инаку, ПСЖ ја одбрани титулата во Лигата на шампионите и втора година по ред се искачи на европскиот врв. Минатогодишната прослава исто така беше проследена со сериозни инциденти во кои животот го загубија две лица, меѓу кои и 17-годишно момче.
И покрај безбедносните проблеми, прославата на новата европска титула продолжува и денеска. Фудбалерите на ПСЖ ќе учествуваат на свечена парада низ Париз, која ќе се движи од паркот Шам-де-Мар до Ајфеловата кула, по што е предвиден прием организиран од францускиот претседател Емануел Макрон.
Француските власти остануваат во состојба на зголемена подготвеност поради можноста од нови инциденти за време на прославите што продолжуваат во текот на денот.














