УТРО.мк

ВИДЕО: CNN објави снимки од големата штета на американскиот носач на авиони

ВИДЕО: CNN објави снимки од големата штета на американскиот носач на авиони
Vero

Ексклузивни снимки до кои дошол CNN откриваат сериозна штета на американскиот носач на авиони USS Gerald R. Ford по пожарот што избувнал на бродот во март, за време на воените операции против Иран.

Иако американската морнарица првично соопшти дека пожарот бил брзо локализиран и дека бродот останал целосно оперативен, новите видеоматеријали покажуваат уништени кабини, изгорени конструкции и значителни оштетувања во внатрешноста на носачот.

Според сведоштва на членови на екипажот, пожарот бил далеку посериозен отколку што било претставено во јавноста. Еден морнар за CNN изјавил дека во еден момент мислел оти бродот може целосно да биде изгубен.

Дополнителна загриженост предизвикува тврдењето дека автоматскиот систем за гаснење пожар не функционирал, поради што морнарите биле принудени рачно да се справуваат со огнената стихија. Според американски функционер запознаен со случајот, пожарот сериозно ги нарушил оперативните способности на бродот.

Пожарот избувнал во просторија со сушалници и перална, а според официјалните информации, на екипажот му биле потребни околу 30 часа за целосно да го изгасне и да спречи негово повторно разгорување. Околу 600 морнари останале без сместување бидејќи нивните кабини биле уништени.

По инцидентот, носачот на авиони морал привремено да се закотви во Грција за поправки, а дел од летачките операции биле прекинати во период од два дена.

Покрај пожарот, екипажот се соочувал и со технички проблеми на бродот, меѓу кои и дефекти на санитарните системи, што дополнително ги отежнало условите за живот за време на долгата 11-месечна мисија.

Американската морнарица соопшти дека истрагата за причините за пожарот сè уште е во тек.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран