УТРО.мк

Узбуна во Црвеното Море: Нападнат брод, расте стравот од ескалација

Узбуна во Црвеното Море: Нападнат брод, расте стравот од ескалација
Vero

Брод во Црвеното Море, во близина на брегот на Јемен, денеска бил нападнат со огнено оружје и ракетни фрлачи, јавува агенцијата АП, повикувајќи се на официјални извори.

Инцидентот се случил во контекст на засилени тензии на Блискиот Исток – пред сè поради војната меѓу Израел и Хамас, како и последователните судири меѓу Иран и Израел, вклучително и воздушните напади на САД врз ирански нуклеарни постројки.

Сè уште не е познато кој стои зад нападот, а досега никој не презеде одговорност. Според информациите на британската поморска команда (UKMTO), вооружена безбедносна екипа на бродот возвратила на нападот, а престрелката сè уште била во тек во моментот на последната информација.

Во кусо соопштение се наведува дека „властите спроведуваат истрага“.

Хутите – јеменските бунтовници кои уживаат поддршка од Иран – од крајот на 2023 година редовно изведуваат напади со проектили и беспилотни летала врз трговски и воени бродови во регионот. Тие тврдат дека нивните акции се „одговор на израелската офанзива во Појасот Газа“.

Меѓу ноември 2023 и јануари годинава, хутите нападнале над 100 трговски бродови, при што потопиле два и усмртиле четворица морнари – што драстично го намали морскиот сообраќај низ Црвеното Море, каде годишно се превезува стока вредна околу еден трилион долари.

По еднострано прогласен прекин на огнот, хутите ги прекинаа нападите до средината на март, кога САД извршија масовни воздушни напади врз нивни позиции. По тој настан, целите повеќе не беа бродовите, но хутите продолжија со повремени ракетни напади врз Израел.

Во позадина на целата ситуација стои и деценискиот граѓански конфликт во Јемен, во кој хутите се борат против меѓународно признатата јеменска влада, поддржана од коалиција предводена од Саудиска Арабија. Судирот моментално се наоѓа во ќорсокак, без јасен политички излез.

Дополнителна нестабилност во регионот предизвикуваат и повремени појави на сомалиски пирати, кои главно напаѓаат бродови со цел грабеж или киднапирање на членови на екипажот за откуп.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран