Американската авиокомпанија UPS ја приземји целата своја флота од товарни авиони McDonnell Douglas MD-11, откако еден таков авион се урна во Луисвил, државата Кентаки, при што загинаа најмалку 13 лица.
„Од претпазливост и во интерес на безбедноста, донесовме одлука за привремено приземјување на флотата MD-11“, соопшти портпарол на компанијата. Овој тип авиони сочинува околу девет проценти од вкупната флота на UPS, а одлуката стапи на сила веднаш.
Несреќата се случила во вторник навечер, кога товарниот лет за Хонолулу се урнал веднаш по полетувањето од меѓународниот аеродром во Луисвил. Според американските истражители, во кокпитот се активирало предупредување само 37 секунди по полетувањето, додека тројцата пилоти се обидувале да го стабилизираат авионот.
Компанијата Boeing, која го презеде производството на MD-11 во 1997 година, и FedEx, кој исто така ги користи овие авиони, засега не се огласиле по повод несреќата.























