Во нов бран руски напади врз енергетската инфраструктура и станбени објекти низ Украина загинале најмалку шест лица, а десетици се повредени. Според Би-би-си, Русија лансирала стотици ракети и дронови, погодувајќи 25 локации, меѓу кои и Киев, поради што многу области останале без струја и греење.
Најтешко погодени се Дњипро, Запорижја, Полтава, Харков и Киевската област. Украинските власти потврдија дека се оштетени клучни енергетски објекти, но итните служби веќе работат на нивна обнова.
Украинското воздухопловство соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала повеќе од 450 дронови и 45 ракети, од кои 406 дронови и девет ракети биле соборени. Москва, пак, тврди дека целите биле исклучиво воени објекти.
Овие удари, кои се засилуваат со приближувањето на зимата, според аналитичарите, претставуваат тест за издржливоста на украинската одбрана. Претседателот Володимир Зеленски порача дека нападите се уште една причина зошто не смее да има исклучоци од западните санкции за руската енергија.























