Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредна инспекциска контрола кај оператор со храна, при што беа запленети и нештетно уништени околу 37 тони производи, вклучувајќи јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини. Производите немале декларации, а рокот на употреба им бил истечен од една до две години.
За сторениот прекршок, операторот доби временa забрана за работа и глоба, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности.
Во рамки на истата акција, АХВ изврши вонредни контроли и кај други оператори – месарници, ресторани, сендвичарници и маркети. При проверките беа утврдени низа прекршувања, како што се нерегистрирани оператори со храна, невршење на задолжителни обуки за безбедност на храната и пуштање во промет на небезбедна храна. За овие прекршоци, инспекциските служби изрекоа парични казни и времени забрани за вршење на дејност, а целата небезбедна храна беше уништена.
АХВ потенцира дека ваквите акции се дел од редовните контроли за заштита на здравјето на потрошувачите и спречување на продажба на небезбедни производи.























