Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во Бања Лука повтори дека владата на Виктор Орбан е против приближувањето на Украина кон Европската Унија. Според него, единствен приоритет на Унгарија треба да бидат земјите од Западен Балкан.
„Европските интеграции звучат како лоша шега ако во Брисел мислат дека Украина е поспремна за членство од Западен Балкан. Земјите од регионот се подготвени и би придонеле економски, а Украина носи само опасност, војна и украинска мафија“, изјави Сијарто.
Тој додаде дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за националната безбедност на Унгарија и најави продолжување на соработката со Република Српска.
Министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, ја забрани планираната посета на Сијарто со воен авион, обвинувајќи ја Унгарија дека ја поддржува политиката на Милорад Додик. Поради тоа, Сијарто мораше да слета со изнајмен цивилен авион.























