Претседателот на САД, Доналд Трамп, остро ја обвини нигериската влада за, како што рече, „злосторства против христијаните“, најавувајќи дека САД би можеле да преземат воена акција доколку властите во Абуџа не реагираат.
„Доколку нигериската влада продолжи да дозволува убиства на христијани, САД веднаш ќе ја суспендираат целата помош за Нигерија и може многу лесно да влезат во таа посрамотена земја, пукајќи со оружје, за целосно да ги уништат исламските терористи“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Американскиот претседател соопшти дека му наредил на Воениот оддел на САД да се подготви за можна акција, додавајќи дека, доколку дојде до напад, „тој ќе биде брз, свиреп и одлучен“.
Предупредувањето следи по изјавата на нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу, кој одговори на претходните тврдења на Трамп дека ќе ја означи Нигерија како „земја од особена загриженост“. Тинубу порача дека Нигерија е држава со уставни гаранции за верска слобода и дека „религиозната толеранција е суштински дел од националниот идентитет“.
Трамп претходно изјави дека „христијанството во Нигерија се соочува со егзистенцијална закана“, обвинувајќи ги „радикалните исламисти“ за масовни убиства.
Напнатоста меѓу Вашингтон и Абуџа се зголемува во момент кога Нигерија, земја со околу 220 милиони жители, и натаму се соочува со насилства и терористички напади од групата Боко Харам и други екстремистички организации.































