Иран ќе ги обнови своите нуклеарни постројки „со уште поголема сила“, изјави денеска иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пренесуваат светските агенции повикувајќи се на државните медиуми. Тој нагласи дека Иран нема намера да развива нуклеарно оружје.
Изјавата Пезешкијан ја даде при посетата на иранската Агенција за атомска енергија, за време на состанок со раководителите на нуклеарната индустрија во земјата. „Уништувањето на згради и фабрики нема да биде проблем за нас – ќе ги обновиме со поголема сила“, изјави иранскиот лидер.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, предупреди дека САД ќе извршат нови напади врз иранските нуклеарни постројки доколку Техеран започне со нивна обнова.
Во јуни годинава, американските сили ги нападнаа иранските нуклеарни објекти за кои Вашингтон тврди дека биле дел од програма за развој на нуклеарно оружје, додека Техеран инсистира дека неговата нуклеарна програма има исклучиво мирнодопски цели.































