Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД се подготвуваат за нова акција против наводни мрежи за криумчарење дрога во Венецуела, при што копнените операции ќе започнат „многу брзо“, јавува CNN.
Трамп истакна дека трговијата со дрога сè повеќе се префрла од морски на копнен пат и порача до криумчарите: „Престанете да испраќате отров во нашата земја.“
Овие најави доаѓаат по зголемен американски воен притисок врз Венецуела и прогласувањето на претседателот Николас Мадуро и неговите соработници за членови на странска терористичка организација, што овозможува воведување дополнителни санкции, но не дава овластување за користење смртоносна сила на венецуелска територија.
Во рамки на операцијата наречена „Јужно копје“, американската армија распореди повеќе од десет воени бродови и околу 15.000 војници во Карипскиот басен, вклучувајќи го и најголемиот носач на авиони USS Gerald Ford.
И покрај тоа, официјални лица признаваат дека САД моментално немаат правно оправдување за копнени напади на суверена територија, но не ја исклучуваат можноста за идни акции без посебно одобрување од Конгресот.























