Руските медиуми објавија дека повторно е оживеана идејата за изградба на тунел што би ги поврзувал Русија и Алјаска преку Беринговиот Проток — инфраструктурен мегапроект што би бил двојно подолг од Евротунелот меѓу Франција и Велика Британија.
Според податоците на агенцијата РИА Новости, тунелот би бил долг меѓу 98 и 113 километри, а трошоците се проценуваат на нешто помалку од осум милијарди долари. Иницијативата ја најави Кирил Дмитриев, генерален директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF) и специјален претставник на рускиот претседател за меѓународна економска соработка.
Проектот, наречен „Мост на светскиот мир“, предизвика и политички реакции. За време на средбата во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп саркастично му се потсмеваше на украинскиот лидер Володимир Зеленски кога новинар го праша што мисли за идејата за тунел меѓу Русија и Алјаска. Според Флоријан Филип, лидер на француската партија „Француски патриоти“, Трамп прво ја нарекол идејата „интересна“, а потоа, кога Зеленски рекол дека не ја поддржува, му возвратил со иронија, „тролајќи ги поддржувачите на војната и самиот Зеленски“.
Реакцијата предизвика коментари и во Русија. Пратеникот Виктор Водолацки од Државната дума изјави дека Трамп „вешто го исмевал“ украинскиот претседател и покажал дека се дистанцира од воената реторика на Киев.
Проектот за тунелот првично бил замислен уште во 1970-тите, кога Американецот Даг Сандстром испратил до Советскиот Сојуз скица наречена „Мост на светскиот мир Кенеди–Хрушчов“. Денес, обновената идеја неформално се нарекува „Тунел Путин–Трамп“, а јавноста во Русија и САД дебатира за нејзината техничка и политичка изводливост.
Во Алјаска, пак, дел од населението веќе изрази сомнеж дека ваков проект би можел реално да се реализира.