Кандидатот за градоначалник на општина Штип, Иван Јорданов, ја поздрави победата на локалните избори, нагласувајќи дека граѓаните покажале политичка зрелост со поддршка на воспоставената локална самоуправа.
„Штип направи вистински избор со разлика од над 15.000 гласови, или сооднос 6:1. Денес испишавме историја за нашиот град. Победи вербата во она што го сработивме, енергијата која секојдневно ја вложуваме и се отвори можност за нови резултати на секое поле“, изјави Јорданов.
Тој додаде дека новиот мандат нема да носи нова иднина, туку ќе ја продолжи сегашноста која граѓаните ја посакувале. „Благодарам мој Штип! Благодарам мои штипјани!“, порача Јорданов.
