Претседателот на САД, Доналд Трамп, најави федерализација на полицијата во главниот град Вашингтон и распоредување на Националната гарда со цел враќање на редот и сузбивање на криминалот. Тој најави дека ќе ја стави полицијата под директна контрола на федералната власт преку Законот за самоуправа на округот Колумбија.
Трамп истакна дека операцијата наречена „Ден на ослободување“ ќе биде насочена кон отстранување на бескуќниците од центарот на градот и намалување на криминалот. „Распоредувам Национална гарда за да помогнам во повторно воспоставување на законот и редот“, рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа, во придружба на високи владини официјални лица.
Претседателот обвини дека главниот град е преземен од насилни банди и криминалци и додаде дека градот ќе биде ослободен од „криминалот, дивјаштвото, нечистотијата и олошот“.
Оваа одлука доаѓа и како дел од Трамповиот континуиран обид да ја зголеми контролата на федералната влада врз демократски градови, преку преземање надлежности што вообичаено им припаѓаат на локалните власти.
Високи федерални агенции, вклучувајќи FBI, ICE, DEA и ATF веќе распоредуваат стотици агенти низ градот, што ги загрижи локалните власти. Градоначалничката Муриел Баузер ја критикуваше одлуката, посочувајќи дека статистиките покажуваат намалување на криминалот во 2025 година и дека соработката помеѓу полицијата и правосудството дава резултати.
Експертите за уставно право предупредуваат дека федерализацијата на градската полиција и ограничувањето на локалната самоуправа може да бидат во спротивност со федералните закони, вклучувајќи го и Законот Posse Comitatus кој забранува употреба на војската во домашни полициски активности. Законот за самоуправа од 1973 година гарантира избирање на градоначалник и совет, па трајни промени би барале законски постапки.
Трамп претходно ја користеше слична тактика во Лос Анџелес, каде во јуни распоредил 5000 војници како одговор на протести поради имиграциските акции на неговата администрација.
Во текот на својот прв мандат, во 2020 година, Трамп испрати Национална гарда во Вашингтон за да помогне во справување со протестите по убиството на Џорџ Флојд.
Сега најавените мерки повторно предизвикуваат поделби и загриженост за иднината на локалната самоуправа и безбедноста во главниот град.