Директорот на Државни патишта, Коце Трајановски, најави поставување на подобрена сообраќајна сигнализација на експресниот пат Градско-Прилеп, каде што во изминатиот период беа забележани пет жртви. Целта на овие мерки е намалување на сообраќајните несреќи и зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот.
Трајановски истакна дека се во координација со Министерството за внатрешни работи за подобро означување на црните точки на патиштата и апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните знаци.
„Експресниот пат Градско-Прилеп е нов пат што е изграден според законските стандарди, но поради бројот на жртви веќе изработивме проект за нова сигнализација која наскоро ќе биде одобрена и поставена,“ изјави Трајановски во гостувањето на Канал 5 телевизија.
Во врска со состојбата на скопската обиколница, тој најави дека наредната година е планирана поголема реконструкција, а посочи дека веќе се интервенирало на критичните точки како кај клучката Хиподром и хотелот „Белви“. Исто така, во тек се преговори со Светска банка и други финансиски институции за реконструкција на тријаголникот Миладиновци-Петровец-Хиподром.
Трајановски нагласи дека се инвестира во нови патишта, но дека е неопходно повеќе средства да се насочат кон одржување на постојните патни правци заради нивната долгорочна функционалност и безбедност.
Дополнително, тој посочи дека има населени места без соодветна сообраќајна сигнализација и дека се работи на решавање на овој проблем во наредната година.
Што се однесува до автопатите, во моментов се работи на три клучни делници: Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, како и на делници од автопатот Кичево-Охрид, каде што наскоро ќе биде пуштен и вториот дел до Охрид.