Министерството за енергетика годинава ќе додели бесплатен инвертер клима уред од 3,5 kW со енергетска класа А+, кој ќе биде вграден директно во домовите на ранливите категории граѓани. Климатските уреди ќе се набават преку транспарентен јавен тендер, а ќе им се доделуваат на домаќинствата според нивните месечни приходи, при што предност ќе имаат оние со најниски приходи.
Право на аплицирање имаат едночлени домаќинства со приходи до 25.000 денари, двочлени до 31.000 денари, трочлени до 37.000 денари и четворочлени и повеќе со приходи до 43.000 денари. Истовремено, пензионерите со приходи под просекот според јавниот оглас исто така можат да аплицираат. Не се опфатени домаќинствата кои во последните пет години добиле субвенција за клима или живеат во зграда со централно греење.
Апликациите се поднесуваат лично или по пошта во Министерството за енергетика, а рокот за пријавување е 60 дена од објавувањето на огласот. Потребни се пополнет формулар, фотокопија од лична карта, документи за членовите на домаќинството, последна сметка за струја и заверена изјава.
Министерството ќе ги проверува условите преку Управата за јавни приходи и снабдувачите со топлинска енергија, а вградувањето ќе го изврши фирма избрана преку тендер. За оние кои веќе имаат клима уред, демонтажата ќе биде на нивен трошок.
За дополнителни информации и пријави, граѓаните можат да ги користат следниве контакти:
Веб-страница: www.energy.gov.mk Е-пошта: [email protected] Телефони за контакт (работни денови од 09:00 до 15:00 часот): 071 319 074 и 070 381 162
Апликациите треба да се поднесуваат на адресата:
Министерство за енергетика
ул. Македонија 27, Скопје
(Со назнака: Јавен оглас – поддршка за ранливи потрошувачи на енергија – наведена категорија за која се аплицира)