Извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Келенис, изјави дека планираната забрана за производство на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во Европската Унија од 2035 година, може да предизвика сериозен удар врз европските производители, кои веќе се соочуваат со тешки услови за работа.
Келенис предупреди дека доколку не се направат корекции во планот, последиците ќе бидат катастрофални и дека многу производители би можеле да пропаднат. Тој потенцира дека купувачите ќе се обидат да купат автомобили со бензински и дизел мотори пред забраната да стапи на сила, што дополнително ќе го комплицира процесот.
Како алтернатива на забраната, директорот од Германија, кој моментално е и претседател на европскиот автомобилски лоби ACEA, предлага воведување даночни олеснувања и поевтина електрична енергија на полначите за електрични возила, со цел да се стимулира преминот кон електрични автомобили на технолошки неутрален начин.
„Декарбонизацијата мора да се спроведе, но без да се загрози економијата“, рече Келенис, нагласувајќи дека производството на автомобили никогаш не било покомплексно и потешко.
Тој ги посочи американските царини, жестоката конкуренција на кинескиот пазар и долгиот преод кон електрични возила како главни предизвици за Мерцедес-Бенц. Во првата половина од годината, консолидираната добивка на компанијата падна за 55,8 проценти во споредба со истиот период лани, на 2,7 милијарди евра.