Министерството за енергетика го објави Нацрт-законот за користење на енергијата од обновливи извори на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и на својата веб-страница, со што започна 30-дневниот период на јавна консултација со граѓаните, стручната јавност и релевантните чинители.
Ова е првпат обновливите извори да се регулираат со посебен закон, по примерот на земјите од регионот и ЕУ. Меѓу најзначајните новини е воведувањето на двонасочен договор за пазарно порамнување на разликата во цена (two-way contract for difference), кој треба да обезбеди финансиска стабилност за инвеститорите, заштита на потрошувачите од ценовни шокови и ограничување на прекумерните добивки при високи пазарни цени.
Законот предвидува и нови методи за управување со вишокот произведена енергија, како net metering и net billing, што ќе овозможат поефикасно користење на произведената електрична енергија од домаќинствата и бизнисите. Дополнително, се стимулира создавањето заедници за обновливи извори на енергија и колективно локално производство, како и регионална соработка со гаранции за потекло на енергијата.
Од Министерството велат дека законот е усогласен со најновите европски регулативи, вклучувајќи ја RED III директивата, и е дел од Владината програма за 2025 година. Целта е да се обезбеди јасна и сеопфатна регулатива која ќе го поттикне развојот на обновливите извори и ќе го забрза зеленото енергетско преминување на земјата.