Постојаниот претставник на Русија во Обединетите нации, Василиј Небензја, изјави дека Русија мора да биде подготвена доколку САД продолжат со нуклеарните тестирања.
„Американскиот претседател Доналд Трамп, како одговор на нашите тестирања на нови крстосувачки ракети и подморници на нуклеарен погон, изјави дека САД размислуваат за обновување на нуклеарните испитувања. Тоа е мошне сериозна изјава. Што точно подразбира, допрва ќе видиме,“ рече Небензја за агенцијата РИА Новости.
Тој потсети на состанокот на Советот за безбедност на Русија, на кој претседателот Владимир Путин истакнал дека ваквите изјави треба да се сфатат мошне сериозно.
„Ако тоа навистина се случи, мора да бидеме подготвени за таков развој на настаните,“ додаде Небензја.
Претходно, Трамп објави дека наредил тестирањето на нуклеарното оружје да се спроведува „рамноправно“ со другите земји кои, според него, располагаат со слични програми.























