Американската сојузна држава Аризона поднесе тужба против кинескиот онлајн трговец „Тему“ и компанијата PDD Holdings Inc, поради сомневање за собирање на податоци од потрошувачите без нивна согласност, пренесе агенцијата „Бета“.
Главниот обвинител на Аризона, Крис Мејс, истакна дека апликацијата ги заведува корисниците во врска со квалитетот на своите производи и собира голема количина чувствителни информации, вклучувајќи ГПС локации и други податоци од телефонските апликации.
Тужбата посочува дека „Тему“ се наоѓа под јурисдикција на Кина, која според законот може да бара податоците да ѝ бидат предадени на кинеската влада. Обвинителите исто така тврдат дека кодот на апликацијата е дизајниран да избегне безбедносни истраги.
„Може да ве следи каде и да одите – на лекар, во библиотека, на политички настан или кај пријатели“, рече Мејс на прес-конференција. „Овој обем на нарушување на приватноста е огромен и веројатно е најсериозното кршење на Законот за заштита на потрошувачите што некогаш сме го виделе во Аризона.“
Мејс додаде дека државата сака да ги заштити локалните бизниси од прекршување на интелектуалната сопственост, наведувајќи дека „Тему“ копирал брендови, вклучувајќи го и Државниот универзитет во Аризона.
„Тему“ ги негира обвинувањата, а слични тужби против платформата се поднесени и во Кентаки, Небраска и Арканзас во последните години.



























