По состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, премиерот на Холандија Марк Руте испрати силни пораки за руските закани, поддршката за Украина и улогата на САД во мировните преговори.
Руте оцени дека средбата во Брисел е „јасен сигнал дека Путин не може да нè надживее“, истакнувајќи дека НАТО останува цврст во поддршката кон Украина, особено преку засилените системи за воздушна одбрана кои, како што кажа, „прават разлика на терен“.
Тој предупреди на „реални и тековни опасности“ што доаѓаат од Русија – од сајбер напади до повреда на воздушниот простор – и повика на „непоколеблива будност“. Руте потсети дека целта на НАТО е до 2035 година сите членки да издвојуваат 5% од БДП за одбрана, со цел да се одржи стабилен и модерен одбранбен капацитет.
Осврнувајќи се на саботажата на железничката линија во Полска, која ѝ се припишува на Русија, Руте рече дека станува збор за „крајно неодговорни и неприфатливи напади“. Тој најави дека НАТО и Полска ќе ја утврдат целосната слика, но порача дека „одговорот ќе биде наш избор – и тие ќе го почувствуваат“.
Руте повтори дека клучот за напредок во мировните преговори се наоѓа во Вашингтон. „Постои само една личност во светот која може да го прекине застојот – американскиот претседател Доналд Џ. Трамп“, рече тој, пофалувајќи го ангажманот на американскиот тим во контактите со руските претставници.
Запрашан дали има напредок во руско-американските разговори, Руте одби да коментира, наведувајќи дека процесот е чувствителен. Тој додаде дека Москва мора да разбере дека нема друг излез освен компромис, а НАТО ќе продолжи да врши притисок со оружена помош за Украина и економски мерки.
Говорејќи за програмата PURL, која се фокусира на снабдување со оружје за Украина, Руте откри дека „две третини од сојузниците веќе се вклучени“, а распределбата на товарот е „значително подобрена“.
За пакетот од 79 милијарди евра од замрзнатите руски средства, предложен од Урсула фон дер Лајен, Руте рече дека очекува ЕУ да го реализира планот, но и дека доколку не успее, „ќе мора да се најдат други начини за финансирање на Украина“.



























