Волстрит џурнал: Руските сили ја преминале украинската граница и напредуваат кон Суми
Руските сили ја преминале границата со Украина и се движат во правец на градот Суми, јавува Волстрит џурнал, повикувајќи се на извори од терен. Според анализата на американскиот весник, регионот Суми, кој се наоѓа во североисточниот дел на Украина, станува нова стратешка цел на Москва, која, како што се наведува, го користи своето бројчано надмоќство за офанзива во овој сектор.
Откако ги потиснаа украинските сили од правецот на Курската област, руските единици навлегле на украинска територија. Украинската армија соопшти дека Русија концентрирала околу 50.000 војници во таа зона, што, според проценките, е сооднос од три спрема еден во корист на руските сили.
Истовремено, фронтот на боиштата значително се проширил – во последната година линијата на судир се зголемила за над 150 километри и сега се протега на повеќе од 1.200 километри, од североистокот до јужните делови на Украина.
Ситуацијата во Суми се следи со зголемена загриженост, додека Киев предупредува дека притисокот на север може да има сериозни последици за одбранбената стабилност на земјата.