Струмичката полиција се консултирала со јавен обвинител во врска со вербалните закани кои градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, јавно му ги упати на новинарот Драган Павловиќ Латас. Сепак, постапка сè уште не е отворена – бидејќи, како што објаснуваат надлежните, потребна е писмена пријава од оштетеното лице.
„Од страна на СВР Струмица за конкретниот случај се направени консултации со јавен обвинител. Од обвинителот се дадени насоки дека за да постојат елементи на кривичното дело Загрозување на сигурноста по член 144 од Кривичниот закон, по кое би постапувала полицијата, потребно е да има поднесено писмена пријава од лицето дека истото се чувствува загрозено“, велат од полицијата за Плусинфо.
Од Основното јавно обвинителство Струмица потврдуваат дека досега не е поднесена пријава:
„До овој момент до Основното јавно обвинителство Струмица не е поднесена кривична пријава од оштетен, ниту е доставено известување од органите кои се надлежни за откривање и за документирање на сомненијата за кривични дела сторени на интернет“, наведуваат од Обвинителството.
Иако постојат назначени обвинители кои се надлежни за случаи поврзани со загрозување на безбедноста на новинари, тие не можат да постапуваат по службена должност без претходна пријава.
„Назначените јавни обвинители имаат овластување да го следат постапувањето во предметите по поднесени кривични пријави во кои се оштетени новинари, а не самите да постапуваат по такви предмети. Такви јавни обвинители се назначени во обвинителствата во Скопје, Битола, Тетово и во Штип, односно во оние обвинителства каде што се евидентирани повеќе вакви предмети“, посочуваат од ЈО.
Поводот за случајот е реакцијата на градоначалникот Костадин Костадинов, кој јавно, преку социјалните мрежи, повика на лична одмазда кон Латас, откако новинарот го спомена неговиот татко.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вчера ја повика целата своја фамилија да му се одмаздат на новинарот Латас „според нивните закони“ затоа што се осмелил да го спомене неговиот татко.
На заканите остро реагираше ВМРО-ДПМНЕ, која ги оцени како „говор на омраза и повик за линч“, барајќи од надлежните институции итна реакција.
Во меѓувреме, струмичката телевизија Вис, чиј сопственик е поврзан со Костадинов, јавно го нападна Латас, обвинувајќи го за лична пресметка и навреди кон градоначалникот.
Случајот останува отворен, но понатамошно постапување зависи од евентуална пријава од страна на новинарот.