Неколку европски држави размислуваат за поставување мински полиња на границата со Русија и Белорусија
Во услови на зголемена геополитичка неизвесност по руската инвазија врз Украина, пет членки на НАТО – Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска – најавуваат повлекување од Отавската конвенција и разгледуваат можност за поставување противпешадиски и противтенковски мини долж источната граница на Алијансата.
Овие држави веќе инвестираа во заштита на границите преку огради, надзорни системи и засилено воено присуство, но сега се разгледува и употреба на забранети експлозивни средства. Само Норвешка, иако има граница со Русија, не планира повлекување од Конвенцијата.
Отавската конвенција од 1997 година забранува употреба и производство на противпешадиски мини, токму поради нивната неселективна природа и долгорочната закана по цивилите. Во 2023 година, од мини во светот настрадаа речиси 6.000 лица – 80% од нив цивили, вклучително и деца.
Потенцијалното поставување милиони мини на подрачјето од финската Лапонија до полската провинција Лублин би создало нова „експлозивна Железна завеса“, споредено со периодот на Студената војна. Густо пошумени и ретко населени терени би останале ненаселиви со децении.
Посебен фокус има на таканаречениот Сувалки коридор во Литванија – клучен геостратешки појас меѓу Калининград и Белорусија. Таму се планира вложување од 800 милиони евра во нови мини, со образложение дека заканата од Русија е „егзистенцијална“.
Меѓутоа, организации за човекови права предупредуваат дека трајната безбедност не може да се гради врз оружје што неселективно убива. Дирекцијата на „Хендикеп интернационал“ во Германија смета дека постојат поскапи, но безбедни и хуманитарно прифатливи алтернативи.