
Конфликтот на Блискиот Исток влегува во чувствителна фаза за глобалниот енергетски пазар, откако беше оштетен клучниот саудиски нафтовод „Исток-Запад“, кој претставува важна алтернативна рута за транспорт на сурова нафта кон Црвеното Море.
Нафтоводот, долг околу 1.200 километри, последните месеци има особено значење бидејќи овозможува транспорт на нафта од источниот дел на Саудиска Арабија до пристаништето Јанбу, заобиколувајќи го Ормускиот Теснец. Според извештаите, преку него се транспортирале меѓу 4 и 5 милиони барели дневно.
Енергетскиот експерт Џозеф Вебстер од Атлантскиот совет предупредува дека нападот отвора дополнителен ризик за глобалното снабдување со нафта. Според него, покрај проблемите со поморскиот транспорт низ Црвеното Море и Баб ел-Мандеб, сега станува критично и прашањето за безбедноста на копнената инфраструктура во Саудиска Арабија.
Особено загрижува можноста за нови напади врз енергетската инфраструктура. Доколку ваквите инциденти продолжат, Саудиска Арабија би можела да се соочи со дополнителни ограничувања не само во производството, туку и во извозот на нафта.
Ризикот е зголемен и поради активностите на Хутите во регионот на Баб ел-Мандеб, една од најважните точки за поморскиот транспорт меѓу Црвеното Море и Индискиот Океан. Нападите врз бродови и инфраструктурата ги принудуваат превозниците да бараат подолги и поскапи алтернативни рути.
Последиците веќе се чувствуваат на пазарите. По нападите врз саудискиот нафтовод, цената на нафтата се искачи над 100 долари за барел, а стравувањата од прекин на снабдувањето предизвикаа дополнителна нестабилност. Во меѓувреме, Саудиска Арабија започна да пренасочува дел од испораките преку алтернативни рути, што помогна привремено да се намали притисокот врз пазарот.
САД, иако се нето-извозник на нафта, остануваат еден од најголемите светски потрошувачи. Затоа, подолготрајните нарушувања на глобалните текови на нафта би можеле да се одразат преку повисоки цени на горивата и дополнителни трошоци за транспорт и производство.
Кина, пак, како најголем светски увозник на енергенси, е особено изложена на подолготрајни нарушувања. Доколку кризата продолжи, поголемото користење на резервите би можело дополнително да ги зголеми трошоците за обезбедување енергија.
Експертите предупредуваат дека најголемиот ризик не е само во моменталниот прекин на еден нафтовод, туку во можноста конфликтот да продолжи да ги погодува различните точки од глобалната енергетска инфраструктура.

















