
Напната атмосфера синоќа во Приштина по протестите поврзани со првостепената пресуда за поранешните водачи на ОВК. Дел од демонстрантите се упатиле кон базата на ЕУЛЕКС, каде што, според косовската полиција, се обиделе насилно да ја пробијат оградата.
Полицијата соопшти дека по изрекувањето на пресудата, дел од учесниците на протестите од центарот на Приштина се упатиле кон објектите на ЕУЛЕКС. Бројот на присутни пред базата постепено се зголемувал, а сообраќајот на делницата меѓу Косово Поле и Приштина бил привремено блокиран.
Според полициското соопштение, демонстрантите неколку часа останале во близина на базата, при што повремено фрлале разни предмети кон оградата и објектот и се обидувале да го пробијат полицискиот кордон.
По протестот пред ЕУЛЕКС, дел од демонстрантите се вратиле во центарот на Приштина и се собрале пред зградата на Владата.
Полицијата наведува дека собирот првично бил мирен, но подоцна дел од учесниците повторно се обидувале да ја поминат оградата и полицискиот кордон, а кон зградата биле фрлани цврсти предмети.
Во полициското соопштение се наведува и дека меѓу демонстрантите имало маскирани лица кои фрлале камења. Полицијата тврди дека дел од присутните реагирале на нивното однесување.
Поради случувањата, полициските сили го засилиле присуството на терен и презеле мерки за да спречат влез во објектите и дополнителна ескалација.
Во текот на протестите биле приведени две лица. Едното, по одлука на обвинител, било задржано 48 часа, додека второто било пуштено по редовна постапка. Полицијата не ги соопшти нивните идентитети ниту дополнителни детали за постапката.
Синоќа привремено бил затворен и дел од сообраќајот на патот Приштина–Косово Поле, како и улицата „Бил Клинтон“, по што возилата биле пренасочувани по алтернативни правци.
Косовската полиција ги повика граѓаните да го изразуваат своето незадоволство мирно, да ги почитуваат полициските упатства и да придонесат протестите да поминат без дополнителни инциденти.

















