УТРО.мк

Словенија најавува големо пренасочување на работниците: До 50.000 од јавниот сектор би преминале во стопанството

Словенија најавува големо пренасочување на работниците: До 50.000 од јавниот сектор би преминале во стопанството
Vero

Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави постепено намалување на бројот на вработени во јавниот сектор и нивно пренасочување кон стопанството, каде што земјата се соочува со недостиг на работна сила.

Според неговата замисла, околу 50.000 вработени би можеле постепено да преминат од јавниот сектор во приватниот сектор. Јанша нагласи дека не станува збор за план за масовни отпуштања, туку за процес што би се одвивал постепено.

Како еден од начините за намалување на бројот на вработени тој го посочи природниот одлив – пензионирање на работниците и непополнување на сите испразнети работни места.

Јанша ја претстави идејата на 58. саем МОС во Цеље, посочувајќи дека бројот на вработени во јавниот сектор во Словенија значително се зголемил во изминатите децении. Според него, земјата во периодот на осамостојувањето имала околу 126.000 вработени во јавниот сектор, додека денес бројката е околу 196.000.

Тој оцени дека дел од зголемувањето било оправдано поради развојот на здравството, социјалната заштита и другите јавни услуги. Сепак, според него, растот на бројот на вработени во државната и јавната администрација не бил во целост неопходен.

Како решение, Јанша предлага забрзана дигитализација, оптимизација на административните процеси и поширока употреба на вештачката интелигенција. На тој начин, според неговата идеја, би се намалила потребата од дел од административните работни места, а работната сила би можела да се насочи кон стопанството.

Како аргумент за ваквиот пристап тој го наведе недостигот на работници во словенечката економија. Јанша посочи дека Словенија издала околу 148.000 работни дозволи за странски работници, но не прецизираше на кој период се однесува бројката.

Покрај тоа, најавени се и промени во образовниот систем, со цел поголем број ученици и студенти да се насочуваат кон професии за кои има недостиг на кадар. Според најавите, поголемиот дел од образовните програми треба да бидат обновени до средината на 2027 година, додека првите резултати би се очекувале по три до четири години.

Сепак, словенечкиот министер за економија Анже Логар беше повнимателен во проценките. Тој не потврди дека во јавниот сектор навистина постои вишок од 50.000 вработени, туку нагласи дека најпрво треба да се создадат услови стопанството да отвора квалитетни работни места.

Логар посочи и дека евентуалниот вишок вработени во јавниот сектор би се решавал во рамките на законите. Конкретните предлози за промените треба да ги подготви Стратешкиот совет до крајот на 2026 година.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin