УТРО.мк

Дизелот во САД со рекордни цени: Трамп бара Зеленски да ги запре нападите врз руската енергетика

Дизелот во САД со рекордни цени: Трамп бара Зеленски да ги запре нападите врз руската енергетика
Vero

Цените на дизелот во САД достигнаа рекордни нивоа, а американскиот претседател Доналд Трамп ја поврза состојбата со нападите на Украина врз руската енергетска инфраструктура.

Трамп во неделата порача дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да ги прекине нападите врз руските рафинерии и други објекти поврзани со производството и снабдувањето со гориво.

„Господинот Зеленски мора да направи една работа: мора да престане да ги уништува резервите на дизел во Русија“, изјави Трамп, оценувајќи дека украинските напади придонесуваат за недостиг на дизел на пазарот.

Ставот на американскиот претседател доаѓа во период на силен раст на цените на горивата, но аналитичарите предупредуваат дека прекинот на украинските напади врз руските рафинерии не би значел автоматско поевтинување на дизелот во САД.

Според анализа објавена од Си-Ен-Ен, русите ограничувања на извозот на гориво, воведени по украинските напади, од светскиот пазар отстраниле значителни количества дизел. Аналитичарот Енди Липоу проценува дека станува збор за околу 800.000 барели дневно.

Дополнителен притисок врз глобалниот пазар создава и кризата на Блискиот Исток. Според истата анализа, нарушувањата поврзани со Ормускиот теснец влијаат врз околу 1,2 милиони барели нафта дневно.

Украина во последните месеци ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, вклучително и врз рафинерии. Киев објаснува дека целта е да се намалат руските приходи и капацитетот за снабдување на воените операции.

Во меѓувреме, Русија продолжува со воздушни напади врз украинската инфраструктура, при што меѓу целите се и енергетски објекти.

Трамп во понеделникот објави дека Русија и Украина се согласиле да ги прекинат нападите врз енергетските постројки. Сепак, во тој момент не беше потврден официјален договор меѓу двете страни.

Од Москва стигна позитивна реакција на идејата. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека прекинот на нападите врз енергетската инфраструктура би бил „многу добра идеја“ и потврди дека Москва е во контакт со американската страна.

Песков посочи дека таквиот прекин би можел да помогне во стабилизирањето на снабдувањето со гориво на рускиот пазар. Истовремено, тој нагласи дека Москва сака да обезбеди непречен пристап на руските нафтени деривати до светските пазари и повторно повика на укинување на санкциите.

Прашањето за цените на енергенсите е особено чувствително во САД во периодот пред изборите за Конгресот. Трамп претходно изјавуваше дека очекува цените на горивата да се намалат по завршувањето на војната со Иран.

Вашингтон паралелно продолжува со дипломатските контакти со Москва и Киев. Американски претставници неодамна го посетија Киев, а администрацијата на Трамп продолжува да разгледува можности за посредување во конфликтот.

Во центарот на разговорите остануваат и санкциите кон Русија, испораката на воена помош за Украина и влијанието на војната врз глобалното снабдување со енергенси.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin