Русија претставува „егзистенцијален ризик“ за Германија и Европа и активно се подготвува за голем вооружен конфликт со НАТО до крајот на оваа деценија — стои во доверлив стратешки документ на германската војска, до кој имал пристап неделникот „Шпигел“.
Според содржината на документот, Кремљ веќе ја прилагодува својата индустрија и воено водство за да ги задоволи потребите на можен обемен судир со Алијансата. Во извештајот се нагласува дека Русија демонстративно ги засилува своите трупи во западниот дел на земјата, во близина на границите со НАТО.
Проценките на Бундесверот укажуваат дека Москва би можела да има околу 1,5 милиони активни војници веќе во текот на 2026 година.
Во документот се истакнува дека Германија може да одговори на ваквата закана единствено преку континуирано зајакнување на вооружените сили и преку развој на капацитети на општествено ниво.
Изработката на документот, според „Шпигел“, се одвивала во изминатите 18 месеци, подготвуван од воени експерти и претставува основа за идната трансформација на Бундесверот.
Министерството за одбрана на Германија засега не излезе со официјална реакција на протечените информации.
Во меѓувреме, германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази поддршка за иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп — членките на НАТО да ги зголемат одбранбените трошоци до 5% од бруто-домашниот производ. Тоа би претставувало драстична промена во германската политика, овозможена по историското олеснување на строгите буџетски ограничувања.