УТРО.мк

Шпанија во борба со најголемите пожари во историјата

Шпанија во борба со најголемите пожари во историјата
Vero

Шпанија се соочува со едни од најтешките шумски пожари во својата историја, кои последните денови опустошија огромни површини и принудија десетици илјади луѓе да бидат евакуирани или да останат во своите домови.

Премиерот Педро Санчез изјави дека земјата почнува да гледа „светло на крајот од тунелот“ во борбата против пожарите западно од Мадрид, откако пожарникарите и армијата успеале да го променат текот на ситуацијата во најкритичните моменти.

„По многу тешки и критични часови, можеме, со потребната претпазливост, да почнеме да гледаме светло на крајот од тунелот во борбата против овие пожари“, изјави Санчез.

Сепак, опасноста сè уште не е целосно надмината. Од среда се очекува нов топлотен бран кој би можел да трае најмалку до недела и дополнително да ја отежне работата на пожарникарите.

Шпанските служби продолжуваат со напорите да ги стават под контрола пожарите во областите околу Мадрид, Авила, Толедо и Кастелјон. Досега огнената стихија зафатила околу 90.000 хектари земја.

Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка оцени дека ситуацијата е „разумно позитивна“ и дека граѓаните можат да бидат „малку помирни“, иако предупреди дека временските услови може повторно да ја влошат состојбата.

Најголеми штети има во провинцијата Авила, каде изгореле околу 50.000 хектари, додека во Мадрид се уништени околу 28.000 хектари, во Кастелјон околу 8.500, а во Толедо околу 2.000 хектари.

Од почетокот на годината во Шпанија изгореле повеќе од 175.000 хектари, што е шест пати повеќе во споредба со истиот период во 2015 година.

Околу 180.000 луѓе и понатаму се евакуирани или имаат наредба да останат во своите домови. Со подобрувањето на состојбата, дел од жителите веќе почнаа да се враќаат во своите населени места.

Шпанската влада најави дека на денешната седница ќе ги прогласи погодените региони за подрачја со тешки последици од природна катастрофа, со цел да се обезбеди дополнителна помош за обновување на уништените области.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin