УТРО.мк

Техеран испрати трето предупредување до Софија поради американските авиони во базата Безмер

Техеран испрати трето предупредување до Софија поради американските авиони во базата Безмер
Vero

Портпаролот Есмаил Багаи порача дека Софија ќе сноси одговорност за „опасното решение“, додека Трамп јавно му се заблагодари на Румен Радев

Софија / Техеран – Иран упати ново, трето по ред предупредување до Бугарија поради одлуката да дозволи американски авиони за дополнување гориво да користат бугарски воени бази за операции во Заливот, објави Euronews.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, преку објава на социјалните мрежи порача дека бугарските власти ќе мора да преземат одговорност за, како што го нарече, „опасното решение“ да бидат домаќини на американски авиони.

Според Техеран, секоја активност што го олеснува американскиот напад врз Иран би претставувала соучесништво во „агресија и воени злосторства“. Иранското МНР предупреди во вторникот дека Бугарија не треба да дозволи САД да ја користат нејзината територија за воени операции против Иран.

Бугарската влада побара парламентарно одобрување за стационирање на до осум американски танкер-авиони KC-135 во воената база Безмер, на околу 260 километри југоисточно од Софија, за поддршка на американските операции на Блискиот Исток. Парламентот во Софија во среда го одобри привременото стационирање и покрај предупредувањето од Иран.

Ова не е прва реакција. Уште на 18 март Иран испрати дипломатска нота во која протестираше поради американски авиони за полнење гориво паркирани на аеродромот Васил Левски, наведувајќи дека „го задржува правото да преземе сите неопходни мерки за заштита на својот суверенитет“.

Од иранското министерство во исто време нагласија дека меѓу иранскиот и бугарскиот народ традиционално постоеле добри односи и дека спорот не е насочен кон граѓаните на Бугарија, туку исклучиво кон одлуките на владата во Софија.

Новата реакција од Техеран уследи само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно му се заблагодари на премиерот Румен Радев преку неговата социјална мрежа Truth Social, наведувајќи дека Бугарија ја поддржува одлуката за распоредување на американските воздухопловни сили и покрај предупредувањата од Иран.

Бугарија, членка на НАТО и ЕУ, ја отфрли иранската квалификација, со образложение дека авионите ќе служат исклучиво за логистички цели.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin