
Спиењето во чорапи за многумина е навика без која не можат да заспијат, особено во ладните денови. Топлите стапала помагаат побрзо да се заспие и да се има поквалитетен сон. Но, како што пишува Express, стручњаците предупредуваат дека оваа навика може да има и друга страна, особено ако во кревет се оди со истите чорапи што се носени во текот на целиот ден.
Според нив, комбинацијата од телесна топлина, пот и ткаенина создава идеални услови за размножување на бактерии, што може да го зголеми ризикот од габични инфекции, непријатни миризби и различни кожни проблеми.
Многумина не ги менуваат чорапите пред спиење
Стручњаците за хигиена истакнуваат дека голем број луѓе не облекуваат чисти чорапи пред да си легнат, туку продолжуваат да ги носат оние во кои го поминале целиот ден.
На тоа предупреди и фармацевтот Алваро Фернандез, кој во видео објавено на TikTok нагласи дека проблемот не е самото спиење во чорапи, туку фактот што повеќето луѓе не ги менуваат пред да одат во кревет.
“Спиењето во чорапи може да ви помогне побрзо да заспиете, но тоа е безбедно само ако чорапите се чисти”, порача Фернандез.
Истражувањето откри загрижувачки податоци
Фернандез наведува дека едно истражување покажало дека дури 70 отсто од луѓето спијат во чорапи што ги облекле по враќањето од работа.
Според него, таквите чорапи можат да содржат огромни количини бактерии – дури 20 пати повеќе отколку што може да се најдат на даската од тоалетната школка.
Посебно предупредува на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која, меѓу другото, може да се најде и во изметот од лебарки.
Најголем ризик за лицата со оштетена кожа
Фармацевтот истакнува дека присуството на такви бактерии може да претставува сериозен проблем, особено за лицата кои имаат исекотини, гребнатинки, егзема или други промени на кожата на стапалата.
“Тоа е голем ризик за кожата, особено ако имате исекотини, егзема или некој вид рана”, предупреди Фернандез.
Во такви случаи бактериите полесно продираат низ оштетената кожа и можат да го зголемат ризикот од инфекции, контаминација на постелнината, па дури и да претставуваат опасност за лицата со ослабен имунитет.
Што советуваат стручњаците?
Според Фернандез, најдобра опција е да се спие без чорапи за стапалата да останат суви и проветрени.
Сепак, свесен е дека многумина не можат да заспијат без топли стапала. Во тој случај препорачува едноставно решение – по вечерното туширање, да се облечат исклучиво чисти чорапи.
“На тој начин ќе ги заштитите стапалата од можни болести, а истовремено ќе уживате во оптимален одмор со идеална хигиена и здравје”, заклучи тој.

















