УТРО.мк

Џиновска бела ајкула од шест метри ги шокира научниците: „Повторно ни избега“

Џиновска бела ајкула од шест метри ги шокира научниците: „Повторно ни избега“
Vero

Огромна бела ајкула долга речиси шест метри и тешка околу три тони повторно ги изненади научниците во Северниот Атлантик, откако исчезна во длабочините и не им дозволи да ја означат со сателитски уред за следење.

Главната цел на експедицијата била легендарната женка позната како „Big Rose“ (Големата Ружа), за која истражувачите веруваат дека е една од најголемите големи бели ајкули некогаш забележани во овој дел од океанот.

Морскиот биолог д-р Нил Хамерслаг првпат ја забележал минатата година, а потоа се вратил со тим на истото подрачје со цел да ја измери, означи и да го следи нејзиното движење за потребите на специјална емисија на „Discovery Channel“.

Научниците велат дека бројот на средби со големи бели ајкули во областа меѓу Кејп Код и Нова Шкотска значително се зголемил во последната деценија. Бројот на забележани примероци пораснал за дури 1.000 проценти, а сè почесто се појавуваат исклучително големи единки.

По пристигнувањето на островот Мад Ајленд, истражувачите поставиле мамец и специјален кафез за набљудување. Наскоро се појавиле првите големи бели ајкули – меѓу нив имало три примероци подолги од четири метри и женка долга околу пет метри, која ја нарекле „Sweet Pea“.

Сепак, од „Big Rose“ немало трага.

Д-р Хамерслаг, со помош на специјална воздушна пушка за поставување сателитски ознаки, успеал да означи четири големи бели ајкули, што им овозможило на научниците да го следат нивното движење.

Следното утро податоците покажале дека сите означени ајкули се преместиле на спротивната страна од островот. Тимот претпоставил дека таму се наоѓа и „Big Rose“, но на површината владеела необична тишина.

Мистеријата ја откриле подводните камери – ајкулите не исчезнале, туку се движеле длабоко под површината на морето.

Со помош на нов, специјално конструиран кафез, учесникот во „Shark Week“, Пол де Гелдер, се спуштил на околу 15 метри длабочина, каде му се приближила голема бела ајкула долга околу четири метри.

Набргу потоа се појавила уште поголема сенка. Истражувачите биле убедени дека станува збор за „Big Rose“.

Тие во водата пуштиле парче туна тешко околу 23 килограми, а неколку моменти подоцна огромната ајкула излегла од длабочините. Додека го земала мамецот, членовите на тимот ја забележале карактеристичната ознака на нејзината грбна перка, по која го добила името.

Мерењата покажале дека „Big Rose“ е долга приближно шест метри, широка околу 1,8 метри и тешка околу три тони. Според проценките, таа е стара повеќе од 50 години, што ја прави една од најголемите и најстарите големи бели ајкули во регионот.

И покрај обидите, научниците повторно не успеале да ѝ постават сателитски уред, бидејќи огромниот предатор повторно исчезнал во длабочините.

Сепак, нејзиното појавување им дало важни информации на истражувачите. Тие веруваат дека враќањето на истото место може да значи дека областа околу Мад Ајленд е од исклучително значење за големите бели ајкули, а можно е таму да постои и досега непознато природно „родилиште“ за оваа вид.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin