Во Русија се урна авион, тројца сериозно повредени
Девет лица се хоспитализирани, од кои тројца се во тешка состојба, по проблематичното слетување на авионот Ан-2 во Забајкалскиот регион, изјави денеска гувернерот на регионот, Александар Осипов.
„Девет лица се повредени во авионот Ан-2 и се згрижени во Регионалната болница. Една личност одбила хоспитализација откако ѝ била пружена медицинска помош на лице место. Тројца се во тешка состојба, а останатите се со умерено тешки повреди, но нема животно загрозени“, изјави Осипов, пренесуваат руските медиуми.
Причина за проблематичното слетување на авионот Ан-2 на пистата во Забајкалскиот регион бил дефект на моторот.
Источносибирската транспортна обвинителна служба соопшти дека истрагата е во тек, пренесува руската новинска агенција РИА Новости.
Локалните служби за вонредни ситуации претходно известија дека авионот Ан-2 се урнал околу 16 минути по полетувањето во Читинскиот округ на 6 јули, информира агенцијата ТАСС.