Апелациониот суд во Париз го усвои барањето на поранешниот француски претседател Никола Саркози за условна слобода, по што тој денес ќе го напушти затворот Ла Сант. Во одлуката се наведува дека „не постои ризик од прикривање докази или притисоци“ и дека продолжениот притвор не е оправдан.
Саркози доби строг судски надзор и не смее да ја напушта Франција, ниту да контактира со министерот за правда Жерал Дарманен или други лица поврзани со случајот.
Тој е осуден на пет години затвор за незаконско собирање средства за претседателската кампања во 2007 година од поранешниот либиски лидер Муамер Гадафи, додека е ослободен од другите обвиненија, вклучително за корупција. Саркози продолжува да негира вина и тврди дека е жртва на одмазда и омраза.
Јавниот обвинител препорача ослободување под строг судски надзор, со забрана за контакт со другите обвинети и сведоци.























