Претседателот на САД, Доналд Трамп, издаде помилувања за клучни личности осомничени за вмешаност во обидите за поништување на резултатите од изборите во 2020 година, соопшти денеска американскиот обвинител за помилување, Ед Мартин.
Меѓу помилуваните е и поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, како и над 70 други лица за кои се тврди дека биле дел од планот за организирање алтернативен список на гласачи и за откривање на изборни измами. Според „Еј-би-си њуз“ (ABC News), помилувањата ги покриваат сите обвинети во Џорџија во рамките на истрагата за заговор за поништување на изборните резултати, а четворица од нив веќе се изјасниле за виновни.
„Со ова помилување се става крај на тешката национална неправда извршена против американскиот народ по претседателските избори во 2020 година и се продолжува процесот на национално помирување“, се наведува во соопштението. Помилувањето не се однесува на претседателот на САД.
Во ноември минатата година, федерален судија го одобри барањето на специјалниот обвинител Џек Смит да го одложи случајот против Трамп за заговор за поништување на изборните резултати. Трамп се соочува и со обвиненија за заговор за измама на САД и за попречување на официјални постапки, поврзани со настаните од 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи упаднаа во Конгресот за да ја попречат потврдата на победата на Џо Бајден.























