УТРО.мк

„НАТО беше на работ на колапс; Војната во Украина можеше да се избегне“

„НАТО беше на работ на колапс; Војната во Украина можеше да се избегне“
Vero

Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откри дека руската инвазија на Украина можела да се спречи, но дека поддршката на Алијансата стигнала предоцна.

Столтенберг се потсети на напнат телефонски разговор во февруари 2022 година, кога украинскиот претседател Володимир Зеленски го повикал додека руските тенкови се приближувале кон Киев.

„Зеленски ми се јави од бункер. Побара НАТО да го затвори небото и да ги сопре руските авиони, дронови и хеликоптери. Ми рече: ‘Знам дека НАТО може, веќе сте го правеле тоа’“, изјави Столтенберг.

Тој додаде дека ако НАТО го сторел тоа, би започнал целосен конфликт помеѓу Алијансата и Русија. „Требаше да ги уништиме руските ПВО системи во Белорусија и Русија и да ги собориме руските летала. Како што кажа претседателот Бајден – ‘не ризикуваме трета светска војна поради Украина’“, посочи Столтенберг.

Поранешниот шеф на НАТО од 2014 до 2024 година, опиша дека првичните реакции на Алијансата на инвазијата биле длабоко поделени. „На 24 февруари 2022 донесовме две одлуки: да ја зголемиме поддршката за Украина и да го спречиме ширењето на војната надвор од нејзините граници. Тие цели беа контрадикторни. Ако единствената цел беше победа на Украина, ќе испративме војници и авиони. Не го сторивме тоа за да избегнеме директен конфликт НАТО–Русија“, објасни тој.

Столтенберг смета дека посилната воена поддршка на Украина по анексијата на Крим во 2014 можела да го одврати Путин од голема инвазија. „Нашата поддршка стигна предоцна и беше слаба. Се плашевме да не ја провоцираме Русија, но сепак изврши инвазија“, додаде тој.

Сега, како норвешки министер за финансии, Столтенберг истакнува дека Русија може да се доведе до преговори само преку зајакнување на Украина на фронтот. „Не можеме да го промениме умот на Путин, тој сака контрола над Украина. Но можеме да ја промениме неговата пресметка. Ако цената стане преголема, би можел да седне на преговарачката маса. Зеленски понуди разговори за прекин на огнот, но Путин ги одби. Треба да ја направиме Украина посилна на бојното поле“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека Норвешка тројно го зголемила военото помагање на Украина од кога е министер за финансии, давајќи седум милијарди евра директна помош, најмногу во воена форма.

На прашањето за евентуални територијални отстапки, Столтенберг рече дека за тоа може да одлучи само Украина. „На крајот, Украина треба да одлучи дали ќе прифати нешто слично на она што Финска го направи во 1940, кога ѝ отстапи 10% од територијата на Сталин. Нашата задача не е да ја советуваме Украина, туку да ја поддржуваме“, порача тој.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран