Д-р Александар Јовановски денеска, на 10 ноември 2025 година, официјално ја презеде функцијата градоначалник на општина Кичево. Тој истакна дека ја гледа оваа должност не како привилегија, туку како обврска кон граѓаните, со цел да работи посветено, транспарентно и во интерес на сите.
На самиот почеток, Јовановски му се заблагодари на досегашниот градоначалник, Фатмир Дехари, за неговиот долгогодишен ангажман и придонес во развојот на општината. Тој нагласи дека почитта кон сработеното и континуитетот се клучни за идните успеси.
„Нашиот град има потенцијал, вредни луѓе и визија за подобра иднина. Целта е да изградиме локална самоуправа блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, која ќе ги слуша сите, без разлика на политичка, етничка или верска припадност“, истакна Јовановски.
Тој додаде дека со заедничка работа, искрен дијалог и посветеност ќе се создаде поубав, поправеден и поуспешен град за сегашните и идните генерации. Јовановски посочи дека поделбите нема да бидат водилка во неговото работење, туку достојноста и благосостојбата на сите граѓани.























