Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп
Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ е новиот градоначалник на Прилеп, откако убедливо победи во првиот круг од изминатите локални избори, и тој во наредните четири години ќе ја води општината Прилеп, како што вели, „кон нова приказна со чесност и истрајност“. Роден и израснат во Прилеп, со завршен Технички факултет во Битола, тој поминал низ сите скалила на политичко дејствување за на градоначалничката функција да дојде од позиција на пратеник од парламентот. Претходно беше и претседател на Советот на Општина Прилеп, што значи дека доволно добро ја познава проблематиката на локалната самоуправа. Проданоски вели дека неговата визија за Прилеп е едноставна, но доста амбициозна.
– Сакам Прилеп да стане модерен, уреден и динамичен град, кој ќе ги почитува своите корени, а истовремено храбро ќе чекори кон иднината. Мојот фокус ќе биде создавање град што е пристоен за живеење, функционален и привлечен за сите генерации. Ќе се залагам за подобрување на инфраструктурата, уредување на јавните површини и обезбедување услови за квалитетен живот во секое мало и населено место. Ќе бидам посветен Прилеп да го направам чист, уреден, со зголемени зелени површини, безбеден, каде што младите ќе имаат простор за раст, а повозрасните за достоинствен живот. Ветувам дијалог со сите, ќе бидам достапен за секој предлог и идеја и за решавaње на секој проблем. Заедно сите ќе ги обликуваме решенијата што ќе нѐ донесат до вистински промени – вели градоначалникот Проданоски.
Тој најави приоритетни проекти од повеќе области преку средства од општинскиот буџет и со поддршка од Владата.
– Ќе го исчистиме и уредиме речното корито на градската река, ќе изградиме заобиколници околу градот „Исток“ и „Запад“, ќе има реконструкција на улици, изградба на нова детска градинка, реализација на проектот „Градина“ за изградба на нова модерна населба, илуминација на Маркови кули во соработка со Институтот за старословенска култура, реконструкција на постојниот Работнички универзитет со отворање конгресен центар, Прилеп зелен град со изградба на два нови парка, Прилеп сејф сити и смарт сити. Паралелно планираме модерна инфраструктура, со реконструкција на улици, патишта во населените места, изградба на кружни текови… Планираме одржлив урбан развој, со реконструкција на плоштади и на старата чаршија, обезбедување паркиралишта, изработка на генерален и детални урбанистички планови. Ќе изработиме стратегија за развој на општината, ќе им дадеме поддршка на иновациите и претприемаштвото, ќе ги подобриме условите за водење бизнис и ќе носиме развојни буџети, со мерки за поддршка на младите. ЈП ќе функционираат ефективно. Ќе вложуваме и во образованието, спортот и културата – истакнува Проданоски, кој ги имаше првите активности на функцијата по повод Денот на ослободувањето на Прилеп























