САД и Кина во принцип постигнаа договор за деескалација на трговските тензии
Соединетите Американски Држави и Кина соопштија дека во принцип се согласиле околу рамка за намалување на трговските тензии меѓу двете најголеми економии во светот, јави Би-Би-Си. Договорот, според најавите, треба да придонесе за олеснување на ограничувањата во извозот и трговијата со ретки минерали и магнети – материјали од стратешко значење за современата технологија.
Американскиот министер за трговија, Хауард Лутник, изјави дека постигнатата рамка треба да доведе до конкретни чекори, но дека конечната одлука ќе зависи од одобрувањето на двајцата претседатели.
„Постигнавме рамка за имплементација на консензусот од Женева“, изјави Лутник пред новинарите. „Штом претседателот даде зелено светло, ќе преминеме кон реализација.“
Соопштението доаѓа по дводневните разговори меѓу високи претставници на САД и Кина што се одржаа во Лондон. Меѓу клучните теми бил и извозот на ретки минерали – критична компонента за производство на уреди како што се паметни телефони, електрични возила и други високотехнолошки производи.
Од Вашингтон истакнуваат дека Кина намерно го забавува извозот на овие материјали, додека пак Пекинг возвраќа со критика кон американските ограничувања за извоз на полупроводници и технологии поврзани со вештачка интелигенција.
Кинескиот заменик-министер за трговија, Ли Ченгганг, изјави дека двете страни се согласиле околу рамката за спроведување на договорите постигнати во телефонскиот разговор меѓу претседателите на двете земји на 5 јуни, како и за консензусот од состанокот во Женева.
Новата рунда преговори уследи по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Шји Џинпинг, кој Трамп го опиша како „многу добар“. И покрај претходното примирје околу тарифите, двете страни продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за прекршување на договорите.