
Рамковниот договор меѓу САД и Иран предвидува формирање приватен инвестициски фонд вреден околу 300 милијарди долари, кој треба да служи како економски механизам за стабилизација и поттикнување на инвестиции во Иран, во процесот на завршување на воениот конфликт.
Според информации од извор запознаен со преговорите, повеќе од половина од средствата веќе се обезбедени, а фондот ќе биде целосно финансиран од приватниот сектор, без користење на државни буџети или даночни средства.
Фондот е замислен како алатка за економска соработка меѓу САД, земјите од Арапскиот Залив, како и партнери од Азија, Јужна Америка и Африка, со цел финансирање проекти во енергетиката, логистиката, производството и транспортот.
Претставници на двете страни потврдиле дека е постигната рамка за завршување на конфликтот, кој започна по воени дејствија на американски и израелски сили врз Иран на 28 февруари. Договорот, меѓу другото, предвидува и укинување на блокадите кон Иран и повторно отворање на Ормутскиот теснец, еден од клучните светски коридори за транспорт на нафта и гас.
Иран првично барал околу 400 милијарди долари како воена отштета, но предлогот бил одбиен, по што била развиена идејата за создавање фонд за обнова и развој.
Механизмот предвидува регионални и меѓународни партнери да учествуваат преку кредити, кредитни линии и директни инвестиции во реконструкција на оштетена инфраструктура, меѓу која се споменуваат индустриски објекти, рафинерии, аеродроми и енергетски капацитети.
Фондот ќе биде активиран дури по потпишување на конечен договор, а во следните 60 дена се очекува усогласување на деталите околу проектите и управувањето со средствата.
Потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс, изјави дека Иран би можел да добие пристап до значаен инвестициски пакет доколку се придржува до договорените услови, кои вклучуваат ограничување на нуклеарната програма, отстранување на залихите од збогатен ураниум и прифаќање на строг меѓународен надзор.

















